АЛОПЕЦИЈА АРЕАТА

Aлопеција ареата е рекурентна нецикатрициелна форма на опаѓање на косата која може да афектира било која космата регија на телото и може да се манифестира во различни шеми на дистрибуција. Иако е бенигна состојба и најголем број од пациентите се асимптоматични, може да предизвика емоционален и психосоцијален стрес. Преваленцијата во популацијата е 0.1-0.2%. Може да се јави на било која возраст од раѓање до доцните декади од животот. Врвот на појавување е на возраст од 15-29 години. Дури 44% од лицата со ареата имаат првична појава на губење на коса на возраст помала од 20 години.

Точната патофизиологија на алопеција ареата останува непозната. Најшироко прифатената хипотеза е дека ареата е автоимуна состојба со медијација на Т лимфоцитите која има најголема веројатност да се појави кај генетски предиспонирани лица. Автоимуноста, генетиката, цитокини и инервација и васкулатура се причините кои се доведуваат во врска со алопеција ареата и сеуште се истражува поврзаноста. Огромна студија покажа висока преваленца на автоимуни пореметувања и други коморбидни состојби кај пациенти со алопеција ареата. Резултатите покажуваат дека кај лица со ареата се јавуваат тироидни заболувања, дијабетес, воспалителни состојби на дигестивен систем, системски лупус еритематозус, реуматоиден артрит и псоријаза и псоријатичен артрит. Други болести поврзани со примарната состојба се атопија (алергичен ринит, астма и/или егзем) –контактен дерматит, ментално здравствени проблеми (депресија и анксиозност) -хиперлипидемија, хипертензија, гастроезофагеален рефлукс. Преципитирачки фактори кои придонесуваат за појава на ареата се сретнуваат кај 15% од пациентите. Големи животни настани, фебрилни состојби, лекови, бременост, траума и многу други настани се набројуваат , но никаков јасен заклучок не може да биде донесен. И покрај овие наоди, најголем број од пациентите со ареата не укажуваат на тригер фактори кој се јавува пред епизодите на губење на косата.

1
2 (1)




Aлопеција ареата е најчесто асимптоматска, но некои пациенти (14%) доживуваат чувство на печење или чешање на афектираната зона. Состојбата е најчесто локализирана кога прв пат се појавува, и кај дури 80% од случаите се јавува само едно циркумскриптно поле на опадната коса. Нема корелација меѓу бројот на полиња при правилното појавување и сериозноста и степенот на натамошното опаѓање. Ареата се јавува најчесто на скалпот, а потоа на брадата кај мажи, па веѓи. Карактеристична е појава на мазни, благо еритематозни (боја на праска) или нормално обоени алопетични полиња. Присуство на влакна во форма на извичник е патогномоничен знак, но не се среќава секогаш. Најчестата презентација на алопеција ареата е појава на едно или повеќе кружни или овални зони без влакна. Никакви епидермални промени не се асоцирани со губењето на косата.

Ареата може да се класифицира според шемата на дистрибуција.

  • Ретикуларна алопеција ареата – кога губењето на косата е поекстензивно и полињата конфлуираат,
  • Офијазис – губењето на косата е на страните и долниот заден дел на скалпот,
  • Сисајифо (обратна офијазис) – кога се зачувани страничниот и задниот дел од косата,
  • алопеција тоталис – 100% губење на косата на скалпот,
  • алопеција универзалис – комплетно губење на косата на сите космати делови на телото.