ДИФУЗНО ОПАЃАЊЕ НА КОСА ВО ТЕЛОГЕНА ФАЗА – ТЕЛОГЕН ЕФЛУВИУМ

Unhealthy Hair LossТелоген ефлувиум (дифузно опаѓање на влакна во телогена фаза) е втора форма на опаѓање по инциденца,после андрогената алопеција (наследно опаѓање на косата). Телоген ефлувиум и андрогената алопеција опфаќаат 95% од формите на опаѓање на косата. Може да биде акутен и хроничен.

Телогениот ефлувиум е акутен, кога опаѓањето на косата е брзо, интензивно и се јавува неочекувано, обично предизвикано од стрес на телото или висока температура. Може да биде задоцнет кога се јавува неколку месеци после сериозен физички или емоционален стрес. Екстремен психолошки или физички стрес, сериозно заболување, смртен случај, породување, може да бидат иницијална основа за интензивно опаѓање. Телогениот ефлувиум е хроничен, кога опаѓањето трае со месеци или години. Телогениот ефлувиум може да индуцира или да биде основа за почеток на појава на андрогена алопеција, доколку имате генетска предиспозиција. До тогаш, алопецијата може и да не била препознатлива.

Постојат повеќе причини за телоген ефлувиум. Има три категории на причинители: психолошки, повреда или стрес/болест и медикаменти. Психолошки ефлувиум може да е почетен стадиум на алопеција андрогенетика. Стрес или болест како причина за дифузно опаѓање на косата може да настане како резултат на протеински диети, висока треска, анорексија, дефицит на железо, хипотироидизам, полицистични јајници, операција, сериозни заболувања, сериозни инфекции, сериозен стрес. Некои медикаменти како: антикоагуланти, антиконвулзиви, антикератинизирачки лекови, тешки метали, контрацептиви итн. може да резултираат во дифузно опаѓање на косата

Симптомите на телоген ефлувиум се опаѓање на косата, дифузно губење на косата на ниво на целиот скалп и зголемен број на опаднати влакна (ги наоѓате на под, на перница, после миење итн.) Иако нормалното опаѓање е околу 100 влакна/дневно, лицата со телоген ефлувиум губат 100-400 влакна дневно. Понекогаш опаѓањето на косата може да помине незабележано. Друг симптом особено кај хроничниот ефлувиум е чувство на болка на скалпот, кога се чувствува како влакното да се куби или чувство на боцкање на кожата со игла. Ова се нарекува триходинија и околу 1/3 од лицата со телоген ефлувиум го чувствуваат тоа.