НАСЛЕДНО ГУБЕЊЕ НА КОСА КАЈ ЖЕНИ

Telogen 4Женскиот тип на опаѓање на коса се смета за еквивалент на машкиот тип на опаѓање и често се нарекува женска алопеција андрогенетика. Оваа честа состојба кај жени се карактеризира со дифузна редукција на густината на косата на круната на главата со зачувување на фронталната линија. Преваленцата се зголемува со годините. Повеќето жени со женски тип на опаѓање имааат клинички знаци на постепено ослабнување на косата на скалпот, во период од неколку години. Иако опаѓањето може да се јави во било кој период од рана адолесценција до доцно средно доба, студиите на Venning и Dawber покажале дека 13% од жените пред менопауза имале фронтотемпорална рецесија, а дури 37% после менопауза.

Причини за наследно губење на косата

Улогата на андрогените хормони кај жени не е потполно објаснета, иако губењето на косата кај жени е неспорно поврзано со зголемено ниво на андрогени. Меѓутоа, многу жени со алопеција андрогенетика немаат покачено ниво на циркулирачки андрогени, но се покажало дека имаат зголемено ниво на 5-алфа редуктаза (ензим кој го претвора тестостеронот во дихидротестостерон), повеќе андрогени рецептори и пониско ниво на цитохром П450 (кој го претвора тестостеронот во естроген).

Повеќето жени со алопеција андрогенетика имаат нормална менструација, нормална плодност и нормална ендокрина функција, вклучувајќи и нормално ниво на андрогени. Лабораториски испитувања на хормони се потребни кога има други знаци на покачени машки хормони. Може да се испитаат и тироидни хормони, серумско железо и крвна слика за да се исклучат како фактори на опаѓање.

Знаци и симптоми кај наследно губење на косата

Најчестата клиничка карактеристика на алопеција андрогенетика кај жени е постепено ослабнување на косата на круната на главата, во период од неколку години. Дермалната папила, матриксот прогресивно се намалуваат и влакното е се послабо. Меѓутоа, степенот на намалување не е униформен или екстремен како кај мажите. Всушност кај жените има мозаик од влакна различни во дијаметар во зоната на губење на косата. Не се јавува зголемено опаѓање на косата, како кај телоген ефлувиум, туку само слабеењето на косата, со зачувување на фронталната линија. Како што напредува губењето на косата, скалпот е се повеќе видлив.