Перут

Перут (Pityriasis simplex capillitii) е одлупување и испаѓање на остарените површински клетки од епидермисот на скалпот. Перутот е често пореметување на кожата на скалпот, зафаќајќи речиси половина од популацијата после пубертет независно од полот или етничката припадност. Секој припадник на било која популација во било кој географски регион бил зафатен со перут во некоја фаза од животот. Сериозноста на перутот флуктуира сезонски и често се влошува во зимските месеци.Докажано е дека кератиноцитите (клетките од епидермисот на кожата) имаат клучна улога во експресијата и формирањето на имунолошките реакции во тек на создавањето на перутот. Постојат неколку етиопатолошки патишта со комплексни механизми кои би можеле да го објаснат формирањето на перутот, иако сеуште не се разјаснети сите детали. Улогата на габичките од тип Malassezia е широко прифатена уште од 1946. Кај перут и себореичен дерматит, нивоата на габичката се покачуваат двојно повеќе од нормално. Улогата на корнеоцитите исто така е забележана, затоа што популациите Malassezia не се униформно распоредени на скалпот.

      Chronic-Dandruff

Се претпоставува дека местото на врзувањето на габичката се разликува кај корнеоцитите. Човечкиот скалп е силно осетлив на андрогените хормони и богат со себум. Себумот почнува да се формира во пубертет и е идеален нутритиент за биоценоза на микроорганизмите на скалпот, како Malassezia кои со липазна активност го разградуваат и се хранат. Меѓутоа, степенот на екскреција на себум кај лицата со и без перут е ист. Како што епидермалниот слој континуирано се обновува, клетките што стареат, се истиснуваат кон површината каде евентуално и се одлупуваат. Кај повеќето лица овие лушпи се премногу мали за да бидат видливи. Меѓутоа, одредени состојби предизвикуваат забрзување на овој процес особено на скалпот, значи се јавува хиперпролиферација на кератиноцитите и пореметување на процесот на кератинизација на епидермисот. Големината и степенот на појава на лушпите е хетерогена и се разликува од место до место на скалпот.Немикробните причини за перутот се добро проучени. Изразена изложеност на сонце е познато дека предизвикува дескавамација на скалпот.

Блага иритација на скалпот поради прекумерно шампонирање, интензивно чешлање, употреба на одредени козметички производи, прашина и нечистотија, до одредена мера може да предизвикаат перут. Перутот нема инфламаторен карактер, што значи дека нема воспаление, црвенило и иритација на скалпот како кај себореичниот дерматит. Се јавува непријатно чешање на скалпот и е нарушена естетиката на косата. Се смета дека перутот бара повеќе козметички отколку медицински третман, и тие третмани даваат брзи резултати. Сериозноста на перутот се движи од блага до тешка форма. Постоењето на перут може да предничи или да го придружува телогениот ефлувиум. Исто така може да ја влоши андрогенетската алопеција. Кај некои случаи на перут опаѓањето на косата може да биде резултат на алтерации во процесот на телоптоза на влакното, крајната фаза на испаѓање на влакното.