СУВА, ОШТЕТЕНА И БЕЗЖИВОТНА КОСА

Fragilitas Crinium’,dry hair е состојба на кршливост на косата, кога влакното поради ослабена еластичност има тенденција лесно да се кине. Краевите на влакното се раздвојуваат. Косата е сува, безживотна и без сјај.

Причини за појава на сува, оштетена и безживотна коса
Причините за појава на сува, безживотна коса се различни. Генетика, исхрана, болест, медикаменти, стрес, хормонални дисбаланси, а најчесто агресивни хемиски и козметички производи за коса и неадекватна нега на косата.

Косата има хидролипиден слој кој е емулзија составена од вода и масни материи излачени од лојните жлезди на влакното. Ваквиот слој има лубрикантна и хидратантна функција, но исто така и заштитна, оневозможувајќи развој на бактерии и габи. Хидролипидниот слој е фузиран со кератинот на кутикулата (надворешниот слој) на влакното и на тој начин не само што апсорбира вода туку и оневозможува губење на влажност. Сувоста на косата се јавува кога ќе се деградира овој заштитен слој.
Неадекватна нега на косата со употреба на агресивни шампони, неправилно користење на козметички производи, хемиски процеси како трајна ондулација или фарбање може да доведат до оштетување на хидролипидниот слој на влакното и последователна појава на кршливост, сувост и безживотност на косата. Константно користење на фен за коса, топли виклери и четки, пегли за исправување на коса, агресивно четкање исто така го нарушуваат заштитиниот слој. Хлорирана вода од базени, УВ зраците од силна сончева светлина, ветер и централно греење придонесуваат за дехидратацијата на косата.