Наследно опаѓање на коса-та (Андрогена алопеција – Androgenetic alopecia) исто така позната и како наследно ќелавење, е најчеста форма на губење на коса. Се препознава по специфичното прогресивно губење на коса на скалпот. Иако андрогената алопеција (наследно опаѓање на коса-та) е екстремно чест проблем на косата и се јавува како кај мажи така и кај жени, инциденцата на појава е генерално поголема кај мажи.

Губењето на коса кај машкиот тип на андрогена алопеција во почетните стадиуми се карактеризира со истенчување на косата како последица на намалување на функцијата на фоликулите. А понатаму со комплетно губење на косата како последица на прекин на функцијата на фоликулите. Кај мажи, обично се манифестира во третата декада, а во речиси сите случаи во четвртата декада од животот.

*Андро* се однесува на андрогени хормони (тестостерон, дихидротестостерон) неопходни за да го поттикнат машкиот тип на опаѓање на косата. 5-алфа редуктазата е битен ензим кој го трансформира тестостеронот во дихидротестостерон (ДХТ).

*Генетика* се однесува на наследните гени пресудни за да се јави оваа форма на опаѓање. Дихидротестостеронот делува на генетски *поосетливите* фоликули на влакното. Што детерминира постепена конверзија на терминалните, цврсти влакна во послаби и на крај во велусни влакна (тенки и непигментирани). Студиите покажуваат дека големината на дермалната папила преку која се храни влакното ја диктира големината на влакното кое се формира. А кај андрогената алопеција некои од клетките на дермалната папила изумираат поради дејството на ДХТ. Доаѓа до еден процес на *минијатуризирање* на папилата, како резултат на што и влакното е се потенко.

Клиничките знаци на андрогената алопеција кај мажи се универзални и веднаш препознатливи во најголем број случаи. Постепена транзиција на цврсти, силно пигментирани влакна во послаби, пократки, помалку пигментирани влакна па се до непигментирани велусни влакна. Се забележува значително зголемено опаѓање на косата. Првите знаци се постепено ослабнување во темпоралните зони, следено со прогресивно ослабнување во фронт (над чело) и вертекс (темен дел). Рецесија на фронталната линија со формирање залистоци е вообичаено, во форма на буквата М. Со прогресијата на процесот на губење на косата фронталната и темената линија се доближуваат и финално се поврзуваат во зона на целосно изгубена коса на круната на главата.