Полицистични јајници како поим доаѓа од изгледот на јајниците кај некои жени кои го имаат овој синдром – големи или нормални јајници со многу мали цисти. Точната причина за појавата на полицистични јајници не е позната. Но се знае дека овој синдром е една од најчестите причини за неплодност кај жените.

Опаѓањето на косата кај жени е чест проблем кој се јавува приближно кај една од десет жени. Дури 5 милиони жени во САД се афектирани од овој проблем според National Women’s Health Information Center (NWHIC).

Науката сеуште бара дефинитивни одговори за оваа состојба. А основниот проблем се големиот број на можни причинители на опаѓањето кај жени. Со неколку исклучоци, симптомите се многу слични и поради таа причина многу тестови мораат да се изведат за да се пронајде вистинската причина.

Една од причините за опаѓање на косата кај жени е полицистичен оваријален синдром. ПЦОС како што е познато, е дисфункција на хормоните, која се случува кога женското тело произведува премногу машки хормони или андрогени.

Нормално, андрогените се наоѓаат и кај мажи и кај жени. Но мажите природно и нормално имаат многу повеќе. Меѓутоа, жените кои страдаат од ПЦОС,често имаат многу повисоки концентрации на андрогени хормони. И таа нивна висока концентрација резултира со ослабнување на косата, како еден од многу други симптоми. Покачувањето на нивоата на машки хормони секако влијае негативно на растот на косата. И предизвикува андрогена алопеција кај жени или женска форма на опаѓање на коса. За разлика од машката форма, андрогената алопеција кај жени не резултира со целосно губење на косата на круната на главата. Но предизвикува ослабнување и истенчување на влакното според American Hair Loss Association (AHLA).

ПЦОС е состојба која сериозно ги растревожува жените, манифестирајќи се со непријатни симптоми. Меѓутоа можеби аспектот кој најмногу растревожува е што овој синдром прави на надворешниот изглед од една страна и самодовербата од друга страна.

Жените со полицистични јајници често се жалат на прекумерен раст на влакна на лицето и телото додека во исто време доживуваат губење на косата.

Тоа е така затоа што растот и опаѓањето на косата се под влијание на хормонални промени. Симптомите од ПЦОС вклучуваат нередовен или прекин на менструалниот циклус, болки во карлица и неплодност. Пореметувањето се манифестира и на кожата. Предизвикувајќи мастење, акни, и појава на темни зони, задебелена кожа по пазуви, на врат и препони. Зголемена тежина се јавува со формирање на масни наслаги пред се околу стомакот.
Поради високите нивоа на машки хормони кои ги произведуваат јајниците, влакната на телото стануваат појаки и поцврсти. И додека поцврсти влакна се појавуваат на лицето, градите, рацете, стомак и нозе косата на главата почнува да слабее и да минијатуризира.

Се чини дека хормоналните промени кои се резултат на скорешна бременост, поточно доење, менопауза, траума од постменопауза или нус ефектите од таблети за контрацепција се одговорни за најголем процент од случаите на опаѓање на косата кај жени. Многу жени со ПЦОС исто така имаат и проблеми со тироидна желзда. Обично намалена функција, хипотироидизам, кој дополнително придонесува за опаѓање на косата и здебелување. Не е невообичаено неколку фактори да бидат вклучени во манифестацијата на губењето на косата кај жени.